ВО ПРИЛЕП СЕ ОДРЖА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ НА ИЗЛОЖБАТА „100 РАРИТЕТИ НА РУСКАТА ДРЖАВНОСТ”, 17 ФЕВРУАРИ 2020 ГОДИНА

ВО ПРИЛЕП СЕ ОДРЖА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ НА ИЗЛОЖБАТА „100 РАРИТЕТИ НА РУСКАТА ДРЖАВНОСТ”, 17 ФЕВРУАРИ 2020 ГОДИНА
На 17 февруари во изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков” – Прилеп се одржа свеченото отворање на изложбата „100 раритети на руската државност”. Изложбата претставува уникатна збирка на документи, претставени на 36 паноа, кои го отсликуваат најзначајните периоди на историјата на Русија за повеќе од илјада години, поточно од 11 до 21 век.

Изложбата беше отворена од страна на Илија Јованоски, градоначалник на општина Прилеп, Рубинчо Белчески, директор на ЦК „Марко Цепенков“ Амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин, кој во своето обраќање потенира:

„Почитуван господине Илија Јованоски (градоначалник на Општина Прилеп),

Почитуван господине Рубинчо Белчески (директор на Центар за култура во Прилеп),

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Срдечно ве поздравувам на отворањето на изложбата „100 раритети на руската државност“ во Прилеп.

Пред сè, длабоко сум им благодарен на Министерството за култура на Република Северна Македонија и лично на министерот д-р Хусни Исмаили, на Центарот за култура во Прилеп и лично на нејзиниот директор господине Рубинчо Белчески за нивната помош во организирањето на овој важен настан.

Изложбата „100 раритети на руската државност“ за прв пат беше претставена пред македонската јавност на 1 ноември минатата година во Скопје, во Музејот на македонската борба за самостојност, и предизвика голем интерес. Поради тоа, со поддршка на министерот за култура на Република Северна Македонија, одлучивме да ја прикажеме и во другите градови на вашата земја.

Прилеп е еден од најинтересните градови во Северна Македонија, кој има богата историја и културни традиции. Тој игра важна улога во зајакнувањето на тесните врски помеѓу братските народи на Русија и Северна Македонија. Во Прилеп редовно се одржуваат културни настани со учество на руски изведувачи (детски музички фестивал „Sвездички“, настапи на солисти од Санктпетербуршкиот Дом на музика); на Германските воени гробишта се закопани руски војници кои загинаа во борбите на Солунскиот фронт, на чиишто гробови секоја година положуваме свежо цвеќе и венци; овде функционира здружение на Македонско-руско пријателство, кое, чинам, е едно од најзабележителните во Северна Македонија. Почнувајќи од 2019 година, во Прилеп се изучува рускиот јазик. Драго ми е да ја нагласам подготвеноста на Општината за развој на соработка со руските региони, вклучително и преку збратимување. Од своја страна, даваме целосна поддршка за воспоставување на такви врски како важен канал за комуникација помеѓу луѓето од нашите две братски земји.

Денес, ви ја претставуваме изложбата, што ги опфати најважните документи за руската државност, кои ги отсликуваат најзначајните периоди на руската историја во текот на повеќе од илјада години. Меѓу нив се и прастари летописни збирки и Евангелија, грамоти и судебници на големите руски кнезови, царски манифести, текстови на устави, автографи на државни дејци. Би сакал да нагласам дека за секој документ Амбасадата направи опис на македонски јазик.

Документите претставуваат особен интерес за Македонците, бидејќи сведочат за длабоки и цврсти врски на Русија со словенските народи, за кои како сликовит доказ служи еден од експонатите од изложбата – Евангелие Апракос „Савина Книга“. Неговиот најраниот дел бил напишан во XI век на Балканот, а буквите по својот изглед се исти како и буквите на натписот на Царот Самоил од 993 година, додека други делови биле додадени подоцна, веќе во Русија.

Се надевам и убеден сум дека оваа историско-документарна изложба ќе предизвика не помал интерес кај Прилепчаните отколку каj жителите на Скопје и ќе даде дополнителен поттик за натамошното зајакнување на разнообразните врски меѓу Русија и Северна Македонија – во интерес на граѓаните на нашите две земји.

Им посакувам на гостите на изложбата јарки впечатоци од средбата со документарните богатства на руската историја.

Ви благодарам за вниманието.”