ВОНРЕДНИОТ И ОПОЛНОМОШТЕН АМБАСАДОР НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА Н.Е. Г-ДИН ОЛЕГ ШЧЕРБАК ГОВОРЕШЕ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА РУСКАТА ДИПЛОМАТИЈА ВО БИТОЛА

ВОНРЕДНИОТ И ОПОЛНОМОШТЕН АМБАСАДОР НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА Н.Е. Г-ДИН ОЛЕГ ШЧЕРБАК ГОВОРЕШЕ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА РУСКАТА ДИПЛОМАТИЈА ВО БИТОЛА

Драго ми е да ги поздравам сите наши многупочитувани колеги и пријатели, претставници од општина Битола и на општинскиот совет на Битола, од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, од други министерства и државни институции, дипломатскиот кор, здруженија за руско-македонско пријтелство, македонски и руски компании, наши сонародници. Ви благодарам за учество во овој настан посветен на Денот на руската дипломатија кој сите руски дипломати го слават на сите континенти речиси во сите земји од светот. Толкав огромен размер е сосема природен бидејќи Русија е најголема земја во светот, голема европска и азиска држава, постојан член на Советот за безбедност на ОН, и целата наша надворешна политика мора да биде глобална и сеопфатна. 
Тука во Република Македонија според старата традиција нашиот професионален празник го славиме пред споменикот на рускиот императорски конзул Александар Ростковски убиен во овој град пред 115 години кога го исполнуваше својот службен долг. Трагичната смрт на Александар Ростковски, неговата борба за спасување на Македонците кои во 1903 година востанаа против османлиското ропство, нѐ потсетува дека дипломатијата е сериозна и одговорна професија која бара да се има не само длабоки познавања и култура на комуникацијата, туку и висок морал, а понекогаш и храброст. Професионалниот и човечки подвиг на Александар Ростковски е дел од нашата заедничка историја, и јас сакам од се срце да им се заблагодарам на општина Битола и на сите граѓани на општината за негување на сеќавањата за овој истакнат дипломат и вистински пријател на македонскиот народ. Споменикот ”Руски крст“ кој го подигнаа жителите на Битола е силна потврда за моќта на нашите духовни врски и пророчката вистина изречена од рускиот канцлер Александар Горчаков кој уште во XIX век истакна дека ”надежите на нашите браќа-словени на Русија се како гравитација од која никој не може да се ослободи. Истата постои не зависно од нашиот однос кон неа“.
Работата на руските дипломати во сите времиња беше и ќе остане тешка и комплицирана, бидејќи Русија традиционално спроведува независна и суверена надворешна политика, цврсто ги брани своите национални интереси, се залага против монополот на било кој врз вистината и диктатот од секоја страна, за заштита на правдата, рамноправноста и заемното почитување, против двојните стандарди во сите нивни форми и пројави, и во политкиата, и во економијата, и во трговијата, во културата и во спортот. Активна и позитивна надворешна политика на Русија, доследност во промовирање на традиционалните вредности ја одредуваат важната улога на нашата земја во својство на еден од водечките воено-политички и морални центри во современиот свет, гарант на безбедноста и стабилноста. Без учество на Русија не може успешно да се реши ниту еден значаен меѓународен или регионален проблем.
Со задоволство истакнувам дека дијалогот меѓу Руската Федерација и Република Македонија го карактеризираат одржливо партнерство и повеќевековно пријателство меѓу нашите два народа. Целиме и натаму сеопфатно да ја унапредуваме нашата сестрана и заемно корисна соработка со нашите македонски пријатели и подготвени сме да одиме по тој пат толку далеку колку за тоа е подготвена самата Македонија. 
Ви посакувам добро здравје, среќа и благосостојба, мир и заемно разбирање.