ДЕН НА НАРОДНОТО ЕДИНСТВО ВО РУСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА

ДЕН НА НАРОДНОТО ЕДИНСТВО ВО РУСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА

ДЕН НА НАРОДНОТО ЕДИНСТВО ВО РУСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА секоја година се одбележува на 4 ноември, почнувајќи од 2005 година. Овој празник прославува еден мошне важен настан од историјата на Русија. Станува збор за ден на ослободувањето на Москва од власта на Полско-Литванската држава во 1612 година. Истовремено ова е и ден на Казањската икона на Богородица. 


На 22 октомври 1612 година според јулијанскиот календар борците на народната војска на чие чело стоеле Кузма Минин и Дмитриј Пожарски го заземе Китај-город, каде се наоѓал гарнизонот на Полско-Литванската држава. Тогаш кнезот Пожарски влегол во Китај-город со Казањската икона на Богородица. Според преданијата во моментот на влегување тој ветил дека ќе изгради храм во име на оваа победа, а во триесеттите години од седумнаесеттиот век на територијата на Црвениот плоштад се појавил Казањскиот собор. 


По протерувањето на непријателот на 26 октомври според јулијанскиот календар Полско-Литванската држава потпишала капитулација, што значело и ослободување на московските бојари и на други видни личности од општеството на слобода. Кон крајот на февруари следната година Земскиот собор го избрал новиот цар на Русија Михаил Романов, кој е и првиот цар од бојарската династија Романови.


Синот на Михаил Романов, Алексеј, во 1649 година издал наредба според која денот на Казанската икона на Богородица освен налето ќе се одбележува и наесен, односно на 22 октомври според јулијанскиот календар. Тоа всушност бил и денот кога се родил неговиот прв син Дмитриј. 


Според пресметките 22 октомври според јулијанскиот календар во дваесеттиот и во дваесет и првиот век според грегоријанскиот календар е всушност 4 ноември. Токму затоа овој датум е избран за празник, како спомен на победата на Русите врз Полјаците во 1612 година. 


На 16 декември 2004 година Државната дума на Руската Федерација го донесе новиот Федерален закон за „Деновите на воинската слава“, или како што уште се нарекуваат Победоносните денови на Русија. Тогаш 4 ноември е прогласен како Ден на народното единство, кој го замени празникот од 7 ноември Ден на согласувањето и на примирјето. Идејата за овој празник ја даде Меѓурелигискиот совет на Русија. Според мислењето на аналитичарите ова е направено со цел во целост да се избегнат какви било асоцијации со Октомвриската социјалистичка револуција. Без оглед на воведувањето на овој празник, 7 ноември се одбележува како Ден на воинската слава на Русија, односно Денот на големата воена парада на Црвениот плоштад во Москва во 1941 година, која се одржала по повод 24-годишнината на Големата октомвриска социјалистичка револуција.


Денот на народното единство за првпат се одбележа како празник во 2005 година. Центарот на прославата таа година беше во Нижни Новгород, каде беше откриен споменик на Кузма Минин и на Дмитриј Пожарски. Оттогаш овој празник секоја година со гордост се прославува на целата територија на Руската Федерација, а како дел од одбележувањето е полагањето свежо цвеќе на споменикот на Кузма Минин и на Дмитриј Пожарски на Црвениот плоштад во Москва.