Духовникот на Путин собра големи почести на промоцијата на неговата книга во Скопје

Духовникот на Путин собра големи почести на промоцијата на неговата книга во Скопје
Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ беше претесна да ги прими сите заинтересирани што сакаа одблиску да го видат викарот на рускиот Патријарх, епископот Тихон на промоцијата на неговата книга „Несвети, а свети“. Рускиот епископ ја собра целата политичка и црковна елита на едно место. Претседателот Ѓорге Иванов, владиците на МПЦ на чело со архиепископот г.г Стефан му укажаа чест на високиот гостин од Русија, тука беа и универзитески професори, политичари и новинари. 

Тихон е еден од највлијателните епископи во Руската православна црква и својата слава ја стекна благодарение на пријателството со претседателот Владимир Путин. Токму Тихон е духовен водач на рускиот претседател. На 600 страници, преку 60 пораки книгата „Несвети а свети“ на рускиот епископ е мозаик од човечки судбини  кои според  авторот се дел од  прекрасниот свет каде се живее според сосема различни закони отколку во обичниот живот. Во „Несвети а свети“ е раскажана моќната демонстрација на сила и Божјата помош.  Во романот, епископот  Тихон ги открива животите на руските монаси во овој век и сознанијата за величината на Црквата и нејзината спасоносна улога за секој човек.

Епископот Јегоревски, г. Тихон рече дека деновите кои ги поминал тука во Република Македонија биле денови на откритија, прекрасни моменти на историјата, прекрасни изненадувачки нијанси на земјата и прекрасни луѓе.