ЗА ДЕНОТ НА СЕЌАВАЊЕТО ЗА РУСКИТЕ ВОЈНИЦИ ЗАГИНАТИ ЗА ВРЕМЕ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

ЗА ДЕНОТ НА СЕЌАВАЊЕТО ЗА РУСКИТЕ ВОЈНИЦИ ЗАГИНАТИ ЗА ВРЕМЕ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА
На 1 август 2018 г. во Прилеп на Германските воени гробишта се одржа традиционална церемонија по повод Денот на сеќавањето за руските војници загинати во Првата светска војна. Во настанот учествуваа Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Олег Шчербак, претставници од општинската администрација и Министерството за одбрана на Република Македонија, воени аташеа на Србија и на Бугарија, делегации од руски и македонски фирми, активисти на локалното здружение за македонско-руско пријателство. Церемонијата започна со помен, потоа нејзините учесници положија цвеќе кон споменикот на руските војници и офицери погребени на гробиштата.

Рускиот експедиционен одред којшто го сочинуваа 2-та и 4-та Специјална бригада, обединети во Специјалната дивизија, се борел на Македонскиот фронт во состав на Источната армија на Антанта во 1916-1917 година. Цело ова време руските војници се наоѓале без смена на фронтот и учествувале во сите големи битки во овој театар на војната каде загинале околу 5 илјаду руски војници. Имено, единиците од 2-та специјална бригада први влегле во Битола, чие што ослободување беше најголем успех на силите на Антанта на Македонскиот фронт речиси до самиот крај на војната. Во 2014 година, по повод 100 години од почетокот на Првата светска војна на иницијатива на Амбасадата, на Германските воени гробишта во Прилеп беше подигнат монумент во спомен на погребените таму десетица руски војници убиени во борбите на Македонскиот фронт.

Во мај 2018 година во музејот на Француските воени гробишта во Скопје беше отворена постојана постава за историјата на рускиот одред (материјалите и експонати за истата беа обезбедени од Амбасадата на Русија). Истиот месец на иницијатива на руското дипломатско претставништво во македонскиот главен град беше завршена реставрација на надгробната плоча на гробот на рускиот генерал, учесник на првата светска војна, добитник на највисоката руска воена награда „Свети Георгиј“ Николај Иванов. Исто така во 2018 година во Скопје во општина Аеродром, на територијата на храмот „Света Троица“ којшто во моментов се гради, беше отворен параклисот „Свети Георгиј Победоносец“ во спомен на руските војници, загинати на македонската земја во сите времиња.