ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА

Како резултат на сите овие активности, со вообичаената размена на дипломатски ноти на 28 односно на 31 јануари 1994 година заемно и едновремено конечно се воспоставени и дипломатските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија, врз основа на соодветната Виенска конвенција, легитимно и според вообичаените дипломатски норми и меѓународни правила. Не за долго, привремените претставништва во Москва и во Скопје прераснаа во ранг на амбасади. За прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација беше назначен академикот Гане Тодоровски, а за вршител на работите на руската амбасада во Скопје Јуриј Петрович Трушин.

Особен белег во натамошната македонско-руска соработка и односи ќе им дадат, меѓу другото, и размената на првите државни посети на делегации и средбите на високи државни раководители на двете земји. За изминатите 22 години се остварени повеќе значајни, официјални, работни и протоколарни средби на министрите за надворешни работи, за економија, култура, внатрешни работи и други, во функција на подобрување и унапредување на нивото на вкупната билатерална соработка. Меѓудржавната руско-македонска мешана комисија за економска соработка редовно ги одржуваше своите заседанија, наизменично во Москва и во Скопје. Нормативноправната и конзуларна регулатива ја прават над триесетина потпишани и ратификувани меѓудржавни спогодби, договори, протоколи и уредби. Редовната конзуларна соработка се одвива успешно, а меѓу двете земји постои либерализирана визна размена. 
Економската соработка и трговската размена од година на година се подобруваат и се зголемуваат. 
Инвестирањето на руски фирми во земјава од ден на ден се интензивира, а нагорен тренд бележи и македонскиот извоз во Руската Федерација. Полека, но константно се надминуваат постојните слабости во економската соработка и сѐ уште неискористени можности, кои објективно постојат.