ИНТЕРВЈУ НА АМБАСАДОРОТ НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, ОЛЕГ ШЧЕРБАК, ЗА ВЕСНИКОТ "НОВА МАКЕДОНИЈА", 24.10.2017

ИНТЕРВЈУ НА АМБАСАДОРОТ НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, ОЛЕГ ШЧЕРБАК, ЗА ВЕСНИКОТ "НОВА МАКЕДОНИЈА", 24.10.2017
Во изминатите месеци многу политичари, дипломати и експерти и во Македонија и надвор од земјата активно го промовираат тврдењето дека е неопходна забрзана реализација на евроатлантските аспирации на Македонија и нејзиното зачленување во НАТО.Како во Русија се однесуваат кон ваквите планови? И какво влијание тие можат да извршат врз развојот на односите меѓу нашите две земји?

Ќе почнам од тоа што зачленувањето на Република Македонија во какви било организации претставува нејзино суверено право и ние во никој случај не ѝ наметнуваме на македонската страна свои ставови ниту по ова ниту по кое било друго прашање. Ги цениме повеќевековните пријателски односи со духовно блискиот народ на Македонија и би сакале овие односи и понатаму успешно да се унапредуваат во нашиот заеднички интерес, како и во интерес на мирот и на стабилноста во регионот. Наедно, како што и мора да прават вистинските пријатели, ние чесно и отворено кажуваме за нецелесообразност и дури контрапродуктивност на интеграцијата на Македонија во овој воен блок, кој веќе многу години спроведува политика што претставува закана по националната безбедност на нашата земја и по целиот свет. Сериозно сме загрижени поради тоа што процесот на проширување на НАТО, во кој е вклучена и Македонија, се одвива прекршувајќи ги обврските преземени од раководителите на западните земји од пред две децении и во условите на зголемување на воен офанзивен потенцијал на Северноатлантската алијанса кај руските граници. Одлучувајќи за толку судбоносен чекор, каков што е зачленувањето во НАТО, секоја земја мора јасно да сфати дека, спротивно на тврдењата на апологетите на Алијансата за нејзиниот мирољубив и мировен карактер, овој воено-политички блок на дело е виновен за голем број варварски агресивни операции, кои резултираа со смрт на многу илјади цивили во Србија, Црна Гора, Либија, Авганистан и други земји, распарчување и дезинтеграција на низа држави. Треба да се истакне дека актуелната етапа на проширувањето на НАТО се одвива во услови на антируска кампања, која е без преседан и сигурно насочена против Русија. Со оглед на порочните принципи на блоковската солидарност што се наметнуваат во Алијансата и на безусловното доминирање во неа на мала група русофопски расположени држави, вовлекувањето на Република Македонија во оваа воена организација може дури и, спротивно на волјата на самите граѓани на Република Македонија, темелно да ја поткопа атмосферата на доверба меѓу нашите две земји, да го отежне унапредувањето на билатералните односите во сите аспекти. Со еден збор, проблемот на интеграцијата на Македонија во НАТО има повеќе димензии и треба однапред да се направи темелна анализа не само за цената на „влезната карта“ во Алијансата туку и за сите други последици од овој чекор.


Како во Русија се однесуваат кон перспективите на интеграциските процеси на европскиот континент и, во тој контекст, кое место во тие процеси го заземаат земјите од Балканот?

Русија не гледа никаква закана по себе од интеграциските процеси што се одвиваат во рамките на Европската Унија и со разбирање се однесува кон желбата на балканските земји да учествува во нив. Се надеваме дека во Македонија и во соседните земји од регионот здраво ги проценуваат не само придобивките туку и ризиците од членството во ЕУ, кои се очигледна слабост на економиите на тие земји во споредба со водечките земји-членки на ЕУ, неизбежноста на значителното ограничување на нивниот национален суверенитет, како и заканата да станат дел од системската криза што во изминатите години ја погоди Унијата. Поаѓајќи од реалноста на современиот свет и од интересите на сите земји од европскиот континент, се залагаме за проширување на размерот на интеграциските процеси на просторот од Лисабон до Владивосток. Темел за тоа би можело да биде засилување на соработката меѓу ЕУ и Евроазиската унија. Таквата можност сѐ уште постои, и покрај погрешната политика на санкции што Европската Унија ја спроведува во изминатите години и антируската реторика на лидерите на ЕУ. Сигурни сме дека тековните политички тешкотии и егоистички интереси на одделни кругови на Западот, кои се против градењето конструктивни односи со Москва, не се способни да ја поткопаат природната и историски предодредената потреба од глобални интеграциски процеси со учество на сите земји од „големата Европа“. За проширување на интеграцијата надвор од границите на ЕУ треба да бидат заинтересирани и земјите од балканскиот регион. Тоа на нивната политика ќе ѝ обезбеди вистински мултивекторски карактер, ќе ги прошири пазарите за пласман што позитивно ќе влијае врз зголемување на конкурентноста на земјите, перспективите на социјално-економскиот развој и порастот на благосостојба на граѓаните.


Според Вашето мислење, како треба да се гради системот за безбедноста во Европа? Врз кои принципи тој треба да се темели? Дали би можеле да направите паралели меѓу пристапите кон безбедносната политика во други држави и опциите за гарантирање на безбедноста во Република Македонија?

И Русија и Македонија и целата преостаната Европа ги обединува потребата од создавање одржлив систем за колективна безбедност, во кој нема место за диктат на која било земја или група земји, кој ќе се темели врз принципите на фер и отворен дијалог, рамноправност на сите земји, почитување на меѓународното право. Тоа што го предлага НАТО, односно градење на безбедноста на едни држави на сметка на безбедноста на другите, е спротивно на идејата за создавање единствен и неделив систем за колективната безбедност. Провокативна и неодговорна политика на Алијансата насочена кон ескалација на тензиите во односите со Русија води кон натамошна фрагментација на европскиот континент, зголемување на заемната недоверба, продлабочување на линиите на поделба, што, секако, создава пречки за обединување на меѓународните напори во борбата против реални современи предизвици и закани, а тоа се меѓународниот тероризам, ширењето на оружјето за масовно уништување, сајбер-криминалот и друго. Треба да се сфати дека НАТО е архаична организација, која идеолошки се заглави во 20 век и не успеа да најде нова смисла на своето постоење и поради таа причина, по стара навика, ја експлоатира порочната логика на барање непријател и на блоковската логика од времето на Студената војна. Наместо да ги решаваат вистинските актуелни проблеми, прекуокеанските раководители на Алијансата водејќи се од своите геополитички интереси намерно создаваат хаос и конфликти низ целата „голема Европа“, вовлекувајќи ги своите сојузници од НАТО во конфронтација со Москва, што го разединува и ослабува европскиот континент и носи опасност од катастрофални последици за целото човештво. Таквата политика е бесперспективна и опасна и во тој контекст блоковската логика мора да им го отстапи местото на барањата на рационални варијанти за создавање систем за колективна безбедност, кој ќе гарантира почитување на интересите на сите, големи и мали, држави. Неделив дел на овој систем, секако, доколку имаат желба, можат да станат и воено неутрални земји, какви што се Австрија, Швајцарија, Финска и Шведска, кои ефикасно го користат својот посебен статус за да добиваат сериозни економски и политичко-дипломатски преференции, не навлегувајќи во скапо и опасно спротивставување со други земји. Мислам дека на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, им вреди подобро да го разгледаат ова прагматично и позитивно искуство.