ИНТЕРВЈУ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БЗДНИКИН ЗА RUSSIA BEYOND МАКЕДОНИЈА, 7 ЈАНУАРИ 2021 ГОДИНА

ИНТЕРВЈУ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БЗДНИКИН ЗА RUSSIA BEYOND МАКЕДОНИЈА, 7 ЈАНУАРИ 2021 ГОДИНА
1. Да започнеме од она што е најактуелно. Целиот свет се справува со пандемијата од КОВИД-19. На малкумина тука им е јасна ситуацијата во Русија, па како би ја оцениле? Секојдневно наидуваме на различни информации во врска со вакцината Спутник V. Какви се Вашите информации за неа? Што можеме да очекуваме?

Мислам дека ситуацијата во Русија во таа смисла е добропозната, меѓу другото и на читателите на вашиот портал – ние уште од почетокот ништо не криевме, вклучително и податоците за бројот на инфицирани.

Општо земено, информациската отвореност претставува составен дел од руската политика, меѓу другото, се разбира и во однос на надворешната политика. Пример за тоа е работата на Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, кој неодамна, без оглед на исклучително набиената агенда, за време на својата годишна прес-конференција во текот на четири и пол часа одговараше на многубројните прашања од страна на граѓаните и на медиумите, кои се однесуваат и на темите што вие ги поставивте.

Без оглед на тоа, ќе ги повторам зборовите на Претседателот – пандемијата остави отпечаток на сите страни од нашиот живот. Но, тоа не се однесува само на Русија, туку и на целиот свет.

Во нашиот случај ние со овие проблеми се справуваме како што доликува, а во некои делови, очигледно, дури и подобро одошто останатите земји. Како пример: нашиот БДП падна за само 3.6% – тоа е помалку од практично сите водечки земји на ЕУ и од САД. Некои гранки на производството, како на пример преработувачката индустрија и земјоделството, напротив, растат. Радува фактот што дури повеќе од 70% од рускиот буџет не се базира на сметка на приходите од нафта и гас.

Нашиот финансиски систем е одржлив. Државниот долг на Русија, кој и онака е незначителен, се намали за 14%, од 70 на 60 милијарди долари. Забележливо, за повеќе од 7% пораснаа меѓународните резерви, кои сега изнесуваат без малку 600 милијарди американски долари. На крајот на годината се очекува пораст на реалната плата на ниво од 1.5%

Денес во Русија се направени повеќе од 86 милиони тестови за коронавирус. Според овој показател нашата земја се наоѓа на четвртото место во светот. Вкупниот број заразени од почетокот на пандемијата изнесува повеќе од 3 милиони лица, од кои 2.45 милиони се закрепнати.

Во сите региони на Русија веќе започна масовна вакцинација против КОВИД-19 со првата регистрирана вакцина на светот „Спутник V“, која ја создаде НИЦ „Н.Ф. Гамалеја“ врз основа на аденовирус на човекот. Вакцинацијата се одвива во две етапи во интервал од 21 ден и истата е доброволна и бесплатна за сите државјани на земјата. Вакцината први ќе ја добијат оние што се наоѓаат во ризичната група. Но, од крајот на декември списокот на професии е сериозно проширен и во себе ги вклучува, на пример во Москва, не само лицата што работаат во областа на медицината, образованието, културата, органите за внатрешните работи, туку и соработниците на некомерцијалните и на религиозните организации, медиумите, волонтерите.

Во моментов, ефикасност на вакцината, според последните податоци, изнесува 91.4%, а против компликации од болеста – 100%, додека клеточниот имунитет може да биде зачуван во текот на две години.

Се очекува дека поголемиот број жители на Русија ќе можат да се вакцинираат против коронавирусот во ноември 2021 година, со што ќе се овозможи создавање колективен имунитет. Во Русија се пристигнати барања за купување на 1.2 милијарди единици од вакцината од повеќе од 50 земји. Вакцините за испорака во странство ќе ги произведуваат партнерите на Рускиот фонд за директни инвестиции од Индија, Бразил, Кина, од Јужна Кореја и од други земји.

Сметаме дека со заеднички сили ќе успееме да се справиме со инфекцијата од коронавирусот. Подготвени сме за соработка за оваа цел со сите заинтересирани земји, вклучувајќи ја и, се разбира, Северна Македонија.

2. По минатогодишниот Економски форум и Меѓувладината комисија постоеше голем оптимизам дека ќе дојде до уште поголема соработка помеѓу Русија и Северна Македонија. Како се движат работите, имајќи ја предвид епидемиолошката ситуација?

Секако, пандемијата внесе свои корекции во сите сфери на животот, вклучувајќи ја и соработката на претставниците од бизнис-заедницата. Во 2020 година во Русија, како и секаде, не се организираа постојните изложбено-саемски настани, на кои традиционално учествуваат македонските компании.

Во исто време, бизнисот наоѓа поинакви начини за воспоставување контакти. Така, неодамна Македонско-руската стопанска комора и Трговско-изложбениот центар „Македонски дом“ во Москва го создадоа заедничкиот веб-портал www.allmk.info на кој заинтересираните компании можат да најдат конкретни понуди на стоки и услуги. На 23 декември во онлајн-формат беше одржана првата B2B средба на жени-бизнисмени од двете земји, на која учество зеде и претставник на нашата амбасада. Се разгледуваа можностите за соработка во сферата на испорака на земјоделски производи, вино, козметика, градежни материјали, текстилни производи, а исто така и во областа на угостителството, туризмот и образованието.

Заложбите на бизнисот даваат резултати – при општото намалување на обемот на надворешна трговија на РСМ за првите девет месеци од годинава трговската размени помеѓу двете земји се зголеми за 20%. Се развива инвестициската соработка – во август во Северна Македонија во експлоатација беше пуштена 32 бензинска пумпа на „Лукоил“, се подготвува отворање современа фармацевтска фабрика со стопроцентен руски капитал во предградието на Скопје.

3. Руската Федерација со години наназад вложува во образованието на македонските ученици, студенти, постдипломци и докторанти. Колку е задоволна Русија од македонските студенти и дали имате сознанија за тоа каков е впечатокот на студентите од студиите во РФ?

Акцентот, чинам, треба да биде ставен на вториот дел од прашањето – колку студентите од вашата земја се задоволни со образованието што го добиле или што го добиваат во Русија?

Секоја година Русија прима 40 македонски студенти во рамките на квотата на федералниот буџет. Меѓу нив има ученици од средното професионално образование, студенти на додипломски, магистерски и на постдипломски студии. За нив отворени се вратите на повеќе од 500 високообразовни установи во Русија, а во околу 30 тие се образуваат.

Најголемиот дел Македонци кои завршиле се стремат повторно да учествуваат во конкурсот за добивање стипендија за студирање на повисок степен.

Русија ги цени студентите од Северна Македонија. На пример Стефанија Гаштарска од Скопје, која дипломираше на Московската државна академија за кореографија, доби понуда да стане балерина во Бољшој театарот во Москва, –сакам да ја искористам можноста и уште еднаш да потврдам дека таа ќе се реализира штом се подобри ситуацијата. Живко Јанев од Гевгелија, постдипломец на Рускиот универзитет за транспорт, има напишано неколку вредни научни работи.

Нашата земја е позната по силната академска школа во областа на физичко-математичките, инженерските и хуманитарните науки, таа е признат лидер во подготовката на математичари, физичари, хемичари, геолози, инженери, програмери, лекари. Македонците тоа го знаат и ги избираат овие области.

Студентите од Северна Македонија, колку што можеме да видиме од интервјуата што ги даваат за македонските медиуми, освен висококвалитетното образование ја ценат отвореноста на Русите и нивната подготвеност да помогнат, како и убавините на руската природа. Тие ја потенцираат блискоста на нашите братски народи која ја поврзуваат многувековните врски на пријателство.

4. Секако дека пандемијата си го стори своето, но постои ли некакво придвижување во соработката на двете земји на полето на науката?

Научните врски се една од главните компоненти на нашата хуманитарна соработка. Руската академија на науките (РАН) и Македонската академија на науките и уметностите успешно соработуваат врз основа на билатералниот договор од 1995 година. На етапа на разработка се наоѓа нов билатерален договор помеѓу Институтот за славистика на РАН и Институтот за национална историја.

Се развиваат контактите во областа на архивистиката. На пример, специјалисти од двете страни работат на мошне интересен проект – издавање зборник документи за руската емиграција во Северна Македонија.

Во 2020 година Тамбовскиот државен универзитет потпиша договор за соработка во областа на академската и научната размена со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кој, патем речено, има потпишано низа слични договори со други руски високообразовни установи.

Истиот Тамбовски универзитет во текот на многу години тесно соработува со Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе. Она што е симболично е фактот што и обата го носат името на познатиот руски поет и државен деец Гаврило Романович Державин.
Така што, има напредок, но сакаме повеќе, доколку е можно, дострели. Се разбира, и во иднина ќе го поддржуваме развојот на заедничката соработка помеѓу научниците од двете земји: потенцијалот за соработка е многу голем и далеку од искористен.

5. Кога зборуваме за Русија, секогаш првата асоцијација е богатата традиција и култура. Што успеавте во изминатава година да им претставите на граѓаните на Северна Македонија и какви се Вашите идни планови на ова поле?

Русија и Северна Македонија дури и во услови на пандемија со коронавирусот успеваат да ги одржат прилично интензивните културни врски.

Во изминатата година локалната публика имаше можност да се сретне со руската култура во нејзините најразлични пројави – како прво тоа е презентацијата на изложбата од 2019 година на историско-документарната изложба „100 раритети на руската државност“ во Битола и Прилеп, концертите на руски романси во Скопје и на пијанистите од Русија Наталија Труљ и Иљја Максимов на фестивалот „Охридско лето“, учеството на три руски филма на 5 Меѓународен филмски фестивал „Богородичен покров“, настапите на нашите музичари Дмитриј Маслеев, Аљона Баева и Анастасија Кобекина во Филхармонијата на РСМ.

Одделно би сакал да го одбележам учеството во добротворниот дипломатски онлајн концерт на класична музика „Слушни ме со своето срце“, организиран од страна на амбасадите акредитирани во Северна Македонија во пресрет на Меѓународниот ден за заштита на децата, на кој собраните средства беа наменети за поддршка и лекување на децата болните од рак. За оваа намена Амбасадата искористи фрагмент од априлскиот концерт во Бољшој театарот „Заедно сме“ со настап на тројца руски пијанисти – Елисеј Мисин, Иљја Бесонов и Денис Мацуев – во придружба на оркестар, кои исполнија музика од мошне познатиот филм во нашата земја „Три тополи на Пљушчиха“. Концертот беше прикажан на националниот телевизиски канал МРТ 1, а целосната снимка беше поставена на Интернет, меѓу другото и на Фејсбук и на Јутјуб.

Во 2020 година беше одбележана 75-годишнината од Победата во Големата Татковинска војна. Уште пред воведувањето на ограничувањата за спречување на ширењето на коронавирусот Амбасадата организираше проекции на филмовите „Травники“ и „Крик на тишината“ во Скопје, а во мај на телевизијата Сител граѓаните од целата земја можеа да се запознаат со ремек-делата на руската кинематографија со титли на македонски јазик – воените филмови „Битката за Москва“, „Врелиот снег“ и „А, тука зорите се тивки“.

Посебна тема е отворањето, на 9 мај, на спомен-обележјето, дело на талентираниот скулптор Војдан Запров, посветено на 75-годишнината од Големата Победа на улицата 9 мај заедно со раководството на општина Центар. Ова е посебен, прв во од ваков вид споменик во вашата земја, кој претставува потврда на единството на народите во антихитлеровската коалиција, која ја ослободи Европа од нацистите и нивните соучесници. Извор на идејата беше споменикот на советските војници во рускиот град Ржев, покрај кој од јануари 1942 до март 1943 година се водеа најтешките крвави борби. Жртви од овие борби беа речиси 400 илјади војници и офицери на Црвената армија. Во врска со тоа ние високо ја цениме позицијата на раководството на Северна Македонија, каде се посветува големо внимание на нашата заедничка Победа.

Во 2021 година планираме да ја продолжиме високата динамика на билатералната соработка во областа на културата, се разбира, земајќи ја во предвид епидемиолошката ситуација и почитувањето на протоколите за заштита. Уште отсега се занимаваме со подготовка на ретроспектива на филмовите на Андреј Тарковски, која е планирана за мај-јуни 2021 година. Работиме на отворање на споменик на еден од познатите руски поети.

6. Повеќе од две години сте во Северна Македонија. Какви се Вашите досегашни впечатоци од земјата?

Без претерување се најпозитивни. За две и нешто години работа во Македонија успеав да се запознам со разнообразната природа и култура, да отидам во поголем дел од градовите, да посетам прекрасни, навистина уникатни храмови и манастири, да се запознам со богатото духовно наследство, кое е од особена вредност за секој православен човек.

Во Северна Македонија, како што е познато, има голем број објекти кои за Русија имаат историско-меморијално значење – тоа се места каде се погребани руски војници, дипломати, свештенослужители, споменици на видни претставници на руската култура. Локалните власти и жителите на земјата ги чуваат и почитуваат. Тоа е уште едно сведоштво за тоа дека нашите братски народи се поврзани со цврсти многувековни културни и духовни врски.

Секако, основно богатство за секоја земја се луѓето. Ми претставува искрено задоволство да комуницирам со голем број граѓани од вашата земја – од раководители до капитени на бизниси и специјалисти од различни области. Високо ја ценам отвореноста, нивните духовни квалитети, приврзаноста кон моралните вредности, кои заедно со нив ги делат Русите.

7. Во тек се новогодишните и божиќните празници. Која е Вашата порака и кои се Вашите желби до читателите на Russia Beyond?

Од срце им посакувам на сите читатели, пред сè, во денешните услови, добро здравје, во вашите домови да царува празнично расположение и благосостојба, заемно разбирање и љубов. И, се разбира, зацврстување на мирот, стабилноста и безбедноста, за што Русија дава најактивни заложби.

Убеден сум дека 2021 година за сите нас ќе стане среќна, ќе ни даде можност за исполнување на желбите и за реализација на предвидените планови. Ви посакувам успех во сите потфати и сè најдобро на Вас и на Вашите блиски!

Среќна Нова година и честит Божиќ!