КОЛУМНАТА НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН „ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА И РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА“ ЗА ВЕСНИКОТ „НОВА МАКЕДОНИЈА“, 9 МАЈ 2020 ГОДИНА

КОЛУМНАТА НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН „ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА И РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА“ ЗА ВЕСНИКОТ „НОВА МАКЕДОНИЈА“, 9 МАЈ 2020 ГОДИНА
Нашиот историски долг е да се сеќаваме кој беше заштитник и ослободител, а кој – агресор и окупатор. Да се заборави тоа значи да се изневери споменот на нашите предци кои со крв ја платиле нашата слобода!

Во сегашните услови, борбата против пандемијата на коронавирусот со право е во фокусот на вниманието – за прв пат светот се соочува со предизвик од толкав размер. Се разбира, приоритетна задача е да се спасат животите и здравјето на луѓето, и токму од ова поаѓа и Русија во своите постапки. Моралниот избор за нас е очигледен – вредностите на заемната помош, меѓусебната поддршка, солидарноста, идеалите на вистината и правдата претставуваат главна потпора на нашата илјадогодишна државност.

Во основата на нашиот генетски код се исто така и сеќавањето на повеќевековната историја на Татковината, подвизите на нашите предци кои со неверојатни напори ја одбранија слободата и независноста на нашата земја, обезбедија мирна иднина за многу генерации.

Денес сите славиме мошне значаен датум - 75-годишнина од Големата Победа. 9 мај, „празник со солзи во очите“, како што ние велиме, зазема особено место во историјата не само на Русија, туку и на целото човештво. Без лажна патетика ќе нагласам – да не беше Победата, немаше да нѐ има ниту нас, ниту нашите роднини и најблиски, па и целиот свет ќе беше сосема поинаков.

Цената што мораше да се плати за Победата ужаснува дури и денеска. Вкупните загуби на 57-те држави учеснички во Втората светска војна се околу 50 милиони жртви. Поголемиот дел, 27 милиони луѓе, беа граѓани на Советскиот Сојуз: нашата земја го загуби речиси секој седми свој жител. Дури 19 милиони од нив беа цивили, од кои 14 милиони загинаа во окупираните зони.

СССР претрпе огромни материјални загуби. Над 1,7 илјади градови, повеќе од 70 илјади села беа целосно или делумно уништени. Штетата изнесуваше 30% од вкупното национално богатство – безмалу 500 милијарди долари сметано според вредноста во 1941 година.

Сепак, советскиот народ успее да опстои и да ја победи „кафената чума“, херојски да ја ослободи не само својата Татковина од фашистичката окупација, туку и голем број од денешните европски земји.

Се разбира, Победата беше извојувана со заеднички напор на земјите-учеснички на антихитлеровата коалиција. Се сеќаваме и го цениме придонесот на сојузниците кои онеспособиле 176 непријателски девизии, како и снабдувањето со воени материјали и оружје преку ленд-лиз програмата.

Сепак, најголемиот товар на борбата го понесе Советскиот Сојуз. Околу 75% од сите воени дејствија на антихитлеровата коалиција беа преземени токму од страна на нашата земја. Пред отворањето на вториот фронт во 1944 година, на Источниот фронт беше сосредоточен најголемиот дел од силите и средствата – против советската армија дејствувале повеќе од ¾ од најоспособените дивизии, од кои 507 беа уништени или заробени. За време на војната, Црвената армија уништи и заплени над 75% од оружјето и воената опрема на противникот, вклучувајќи 167 илјади орудија, 48 илјади тенкови и до 77 илјади авиони.

Ги наведувам сите овие бројки со единствена цел да ги потсетам, пред сè, младите читатели на она што низ повеќе децении не се доведуваше во прашање, туку беше очигледно за сите кои ја преживеаjа војната.

За жал, денес сме сведоци на обиди за замолчување, извртување или тендециозно толкување на овие непобитни факти.

Се тврди, на пример, дека од 1 септември 1939 до 22 јуни 1941 година СССР и Германија фактички биле сојузници. Тоа не е вистина: никакви сојузнички договори не се склучувале. За Москва беше јасно дека порано или подоцна ќе мора да се бори против нацистите – пактот за ненапаѓање потпишан на 23 август 1939 година, како и други билатерални договори се сметале за привремена и неопходна мерка. Во наведениот период СССР беше воено неутрален и во Втората светска војна не учествувал.

Надвор од рационалното е и желбата да се обвини СССР за отпочнувањето на војната. Тоа е уште една лага. Најголемиот конфликт на ХХ век го предизвикаа државите–агресори, членки на „оската“, пред сè Германија. Тоа е утврдено во заклучоците на Нирнбершкиот трибунал кој ги оцени резултатите од војната од аспект на меѓународното право.

Спротивно на здравиот разум, се праваат обиди за ревидирање на одлуките и на самиот Нирнбершки трибунал. Станува збор за обелување на злосторничката дејност на хитлеровите помагачи кои во некои држави, пред сè во балтичките земји и Украина, ги изобразуваат како борци за национална независност. Во „политички коректните“ учебници веќе може да се прочита дека колаборационистите всушност биле патриоти, додека, пак, оние што ги ослободиле тие земји од нацистите одеднаш станале – окупатори. Сосема во духот на Џорџ Орвел: „Војната е мир, слободата е ропство, незнаењето е моќ“.

Самите облици на фалсификување на историјата стануваат сѐ поцинични. Продолжува борбата против спомениците подигнати во чест на оние кои, по цена на животот, ги спасија народите на континентот. Во низа европски земји се уриваат споменици и обележја на војниците-ослободители, им се овозможува на вандали да ги сквернават и рушат. Последниот пример е демонтирањето на споменикот на Иван Конев во Прага, под чија команда беше ослободена Чехословачка и нејзиниот главен град. Но, историјата не може тукутака да се смени, а историската функција на спомениците, како што знаеме, не се сведува само на овековечување на минатото, туку претставува и еден вид потсетување за иднината.

Денот на Победата не е само оддавање почит на учесниците во настаните од тој период. Тоа е исто така лекција за да се разбере колкава опасност кријат нетолеранцијата, дискриминацијата, екстремизмот врз основа на етничка, расна и верска припадност. За да се осознае дека борбата против идеологијата на омразата, како и да се нарекува, е заедничка работа за сите земји и народи.

Лекциите од Втората светска војна потсетуваат колку е кревок мирот. Заради неговото зачувување, треба да се надминат несогласувањата, да се обединат напорите во борбата против заедничките закани. На иницијатива на претседателот на Русија, Владимир Путин, поддржана од лидерите на другите земји, се подготвува самит на државите–постојани членки на Советот за безбедност на ООН, сѐ со цел изнаоѓање нови приоди за нормализирање на состојбите во светот, трасирање пат за континуиран и хармоничен развиток на целото човештво.

Програмата на настани по повод 75-годишнината од Победата заради пандемијата на коронавирусот претрпе измени. Беше одлучено да се одложи Парадата на Победата на Црвениот плоштад, меѓутоа таа секако ќе се одржи, но подоцна во текот на оваа година. Сепак, ќе ги гледаме воздухопловните паради и празничниот огномет.

Голем број проекти се префрлени во Интернет. Меѓу другото, вработените во нашата Амбасада, претставници на руската дијаспора, Македонци чиишто роднини се бореле на страната на антихитлеровата коалиција, земаа учество во онлајн-проектот „Бесмртниот полк“ под мотото „Нашата победа е моја историја“. На тој начин сите станавме дел од акцијата на сеќавање што се одржа во десетици земји низ целиот свет. Во програмата на една од македонските телевизии се ставени три од најпознатите советски воени филмови, за чие што прикажување Амбасадата има обезбедено соодтветно ексклузивно право.

Поради мерките поврзани со пандемијата, Aмбасадата на Русија мораше сериозно да ја намали и својата програма на настани. Сепак, денеска заедно со градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, на улицата „9 Мај“ ќе го отвориме спомен-обележјето кое ќе го овековечи овој извонредно значаен настан во историјата, но и подвигот на антифашистичките борци, вклучително и хероите на народнооослободителното движење на Македонија. Како што знаеме, во него учествувале над 100 илјади луѓе, од кои дури 66 го добиле највисокото одликување – Народен херој.

Грижливо го чуваме споменот за Македонците кои храбро се бореле против фашизмот. Секоја година на 9 мај – и денешниот ден не е исклучок – Амбасадата организира положување цвеќе пред споменикот на партизаните кои загинале во кањонот Матка во борбите за ослободување на Скопје. Наши дипломати исто така посетија и гробови на херои и земаа учество во настани посветени на паднатите борци за слобода на Македонија, меѓу кои биле и наши сонародници.

Наш заеднички долг е да го зачуваме сеќавањето за Втората светска војна и за нејзините последици, за оваа ужасна трагедија никогаш да не се повтори. Секогаш да си спомнуваме за оние на кои сите ние, што живееме денес, им ја должиме најважната работа – животот и слободата. Никој не е заборавен, ништо не е заборавено!

Среќен празник, драги читатели! Честит Денот на Победата!