НОВИОТ АМБАСАДОР НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА МУ ГИ ВРАЧИ АКРЕДИТИВИТЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

НОВИОТ АМБАСАДОР НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА МУ ГИ ВРАЧИ АКРЕДИТИВИТЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
На 18 септември 2018 година новоименуваниот Вонреден и Ополномоштен Амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија Сергеј Баздникин му ги врачи акредитивните писма на Претседателот на Република Македонија Н.Е.д-р Ѓорге Иванов.

Во своето обраќање Сергеј Баздникин констатира дека „повеќевековните историски и духовни врски, кои тесно ги поврзуваат братските народи на нашите две земји, станаа цврста основа за градење на руско-македонската соработка на современата етапа“. Амбасадорот изрази убеденост дека сестраното продлабочување на партнерството меѓу Русија и Македонија целосно им одговара на исконските интереси на народите на нашите две земји, а и на цела Европа.

- Руската Федерација се залага за унапредување на соработката со Република Македонија врз принципите на рамноправност и заемна полза. Ќе дејствуваме во тој контекст толку активно и креативно, колку што ќе биде за тоа подготвена Македонската страна, истакна тој.

Сергеј Баздникин подвлече дека Република Македонија доживува денес клучен момент во својата историја.

- Од одлуките кои ќе бидат донесени во наредните неколку недели па дури и денови, ќе зависи иднината на вашата земја. Од голема важност е тие да бидат донесени строго во рамките на Уставот, а не да ја уриваат правната држава. Да претставуваат недвосмислен одраз на волјата на граѓаните на Република Македонија, а не да бидат наметнати од надвор. Да го обединуваат, а не разединуваат општеството. Да почиваат на фундаменталните принципи на меѓународното право зацртани во Повелбата на  ООН, а не на политичката конјунктура, изјави Амбасадорот на Русија.

Беше нагласено дека Русија секогаш се залагаше за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.

- И понатаму ќе ги поддржуваме напорите на раководството на Република Македонија за заштита на тие вредности, увери Сергеј Баздникин.

Во поздравниот говор Ѓорге Иванов, потврдувајќи ги заложбите на Македонија за продолжување на контактите со Руската Федерација, изрази увереност дека „македонско-руските односи и соработка, кои имаат долга и богата традиција и ги краси искрено пријателство и меѓусебно разбирање, и натаму успешно ќе се развиваат и интензивираат во сите сфери од заемен интерес“.

- Ние придаваме големо значење на севкупното продлабочување на односите со Руската Федерација, со посебен акцент на економската соработка, изјави Претседателот на Република Македонија. Шефот на државата изрази пријателски чувства на својата земја до народот на Русија и испрати „најсрдечните поздрави“ до Претседателот и Владата на Русија.