На 10 и 11 Септември прославен "Ден на градот Москва"

На 10 и 11 Септември прославен "Ден на градот Москва"
Денот на градот Москва е празник на жителите на градот кој со низа свечености се прославува на локално ниво. Овој празник нема свој фиксен датум, туку се одбележува во првата есенска сабота во септември.

Вообичаено прославата се одбележува со низа свечености и рекреативни настани кои се организираат во сите делови на градот, а прославата задолжително завршува со грандиозен огномет. 

Овој празник, како и неговото одбележување, имаат своја историја. Имено, во минатото овој празник не се одбележувал толку свечено како што тоа се прави денес. Датумот на прославата се врзува со првото спомнување на името на градот во старите писмени извори. Самиот датум бил предмет на широка дебата и почнал да се одбележува дури од неговата 700-та годишнина.


Одлуката за одбележување на Денот на градот Москва за првпат била официјализирана во средината на 19 век. Токму во тој период се актуализира идејата за одбележувањето на 700-та годишнина на градот, која ја поддржале тогашните многу влијателни луѓе: А. Шчербатов, тогашен генерал-губернатор на градот; К. Аксаков, познат писател; тогашниот Московски митрополит, Филарет.

За да го утврди точниот датум на првиот запис за Москва, историчарот Забелин се впуштил во темелно пресметување и проучување на Ипатјевскиот летопис.  Неговите сознанија укажуваат на тоа дека градот Москва за првпат се спомнува на 4 април 1147 година. Наспроти неговото тврдење, веднаш се појавиле спротивни мислења кои ги афермирал Карамзин, кој тврдел дека името на престолнината за првпат се спомнува веќе во март 1147 година. По некое време, научниците донеле компромисно решение дека јубилејот треба да се одбележи напролет, 1847 година.

Според првичната замисла, прославата требало да трае три дена, при што првиот ден бил замислен како „црковна прослава“, вротиот ден на територијата на Московскиот Универзитет требала да се одржи „научната свеченост“, а за истиот ден било планирано и да се приреди бал во домот на генерал-губернаторот. А третиот ден била планирана „народна свеченост“ која требало да се одржи на градскиот плоштад каде жителите на градот требале да добијат подароци од градската управа. За жал, не било судено прославата да се одржи според зацртаниот план. на 31 декември 1846 година, во вечерните часови, Николај I наредил прославата да се помести за 1 јануари 1847. Се разбира дека прославата се одржала, но не во својот планиран формат. Митрополитот Филарет, во Чудотворниот манастир, прочитал молитва за славењето на Москва. Свечени литургии по тој повод се одржале и во сите други московски цркви. Во центарот на градот била наместена празнична постројка од маслени ламби, кои, за жал, брзо се гаснеле поради силниот ветер.

Во подоцнежниот период, празникот се одбележувал на различни начини, без некоја стандартна програма, се́ до 1986 година, кога Борис Елцин кој во тоа време бил на чело на Градскиот Комитет на КПСС, издал указ според кој празникот на градот Москва се одбележува секоја година во првите денови на септември. Тоа е период во кој во Москва се одржуваат саеми за прехранбена индустрија.

Особено спектакуларно било одбележувањето на 850-годишнината од Москва, во 1997 година, за време на градоначалникот Ј. Лужков. Прославата започнала со концерт на неколку светски оперски ѕвезди кој се одржал на Соборниот плоштад. Потоа, следело свечено отворање на Тверскиот плоштад. Следниот ден се одржал фестивалот „Славјански базар ја поздравува Москва“ и свечениот концерт во Кремљ. Прославата завршила со голем концерт на стадионот Лужники.

Според веќе воспоставената традиција, градската управа за Денот на Москва организира многубројни масовни настани кои задолжително завршуваат со огномет. На овој ден се организираат разни тематски изложби, работилници, екскурзии, забави и панаѓури. Програмата се планира според желбите на граѓаните на Москва. За таа цел отворена е посебна интернет страница, на која секој може да се информира за планираните активности, да даде свое мислење или идеја за некој настан. Така, на пример, минатата година, по повод на 868-та годишнина на градот, прославата се одржала на 5-ти и 6-ти септември, а за темата на прославата била избрана „Москва триумфална“. Во тек на тие два дена низ целиот град биле организирани повеќе од 500 различни настани:  фестивали, претстави, бесплатни екскурзии, настапи на воени оркестри, концерти... Секоја година за прославата на овој празник се изготвува нова програма врз основа на претходно избрана тема на празникот.