ОБРАЌАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН ПО ПОВОД ДЕНОТ НА РУСКАТА ДИПЛОМАТИЈА, 10 ФЕВРУАРИ 2021 ГОДИНА

ОБРАЌАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН ПО ПОВОД ДЕНОТ НА РУСКАТА ДИПЛОМАТИЈА, 10 ФЕВРУАРИ 2021 ГОДИНА
Почитувани дами и господа,

Почитувани колеги од дипломатскиот кор,

Драги пријатели,

Срдечно ви го честитам нашиот професионален празник – Денот на руската дипломатија.

За прв пат, мораме да го одбележуваме овој празник во ваквиот формат – со моето обраќање онлајн – ама тешкиот период на пандемијата внесе промени во нашиот начин на живеење: епидемиолошките ограничувања не дозволуваат да ја следиме добрата традиција и широко да го прославиме празникот во „градот на конзулите“ – Битола.

Оваа година положувањето на цвеќе пред споменикот „Рускиот крст“ ќе се одржи поскромно, со ограничен број на гости. Користејќи ја оваа можност, би сакал да им изразам искрена благодарност на сите кои долги години активно учествуваат во оваа свечена и истовремено трогателна церемонија, вклучително и на градоначалничка на Општина Битола, г-ѓа Наташа Петровска. Знам дека и денеска ќе се сретнеме со неа. Убеден сум дека сите ќе се собереме заедно следната година.

Сепак, бројката на присутни не е толку важна за нас. Најглавно е да се чуваат традициите, да им се оддава почит на извонредните руски дипломати.

Еден од примерите на самопрегорна служба на Русија е императорски конзул Александар Аркадиевич Ростковски, кој почина во 1903 година, исполнувајќи ја својата службена должност. Споменикот воздигнат на местото на неговото убиство нѐ потсетува на предизвици низ кои беше предодредено да поминаа и самиот Александар Аркадиевич, решителен бранител на христијанското население во Македонија, како и многу други руски дипломати кои дадоа значаен придонес за ослободувањето на братските словенски народи на Балканот во 19 – почетокот на 20 век. Патем, од 1861 до 1915 година, вкупно 12 руски конзули и вицеконзули служеа во Битола, портретите на повеќето од нив се поставени на почесното место во нашата Амбасада во Скопје.

Русија и Северна Македонија се поврзани со пријателски врски, длабока духовна и културна блискост. Се стремиме кон понатамошен сеопфатен развој на односите меѓу нашите земји во различни области – толку интензивно колку за тоа се подготвени наши македонски партнери. Развојот, се разбира, треба да се гради врз основа на еднаквост и заемно почитување, водење сметка за меѓусебните интереси.

Денес, како и порано во својата историја, Русија се соочи со напади поради суверена и независна надворешна политика. Ама сепак, убедени сме дека секоја држава треба да си ја избира својата иднина – без никакво надворешно мешање. Ќе продолжиме и натаму да се залагаме за строго почитување на основните норми и принципи на меѓународното право. Само ваквиот пристап ќе ни овозможи да ја надминеме тековната тешка состојба во меѓународните работи, да го гарантираме мирниот соживот на земјите и народите. Важно е да се фокусираме на реалните глобални проблеми, да ги обединиме напорите за да се најдат одговори на заедничките предизвици.

Русија е постојана членка на Советот за безбедност на ООН, гарант на глобалната безбедност, која игра клучна улога во обезбедувањето на стратешка стабилност, што јасно се покажа со продолжувањето на руско-американскиот Договор за ограничување на стратешко офанзивно оружје (СТАРТ) до 2026 година. Значајниот мировен потенцијал на нашата земја, посебно го покажаа неодамнешните настани во Нагорно-Карабах. А одбележувањето на 75-годишнината од Големата Победа над фашизмот минатата година, уште еднаш нѐ потсети на одлучувачкиот придонес на нашиот народ за ослободувањето на Европа и целиот свет од „кафеавата чума“.

Минатата година руските дипломати ја потврдија својата висока професионалност во решавање на голем број задачи, вклучително во обединување на меѓународните напори во борбата против коронавирусот и во враќање дома на нашите сограѓани, кои се најдоа во другите земји. Ќе продолжиме ефикасно да ги браниме националните интереси на Русија, да го зголемуваме нејзиниот углед на меѓународната сцена и да придонесуваме за градење на стабилен и фер полицентричен светски поредок.

Ви благодарам на сите што одвоија време да ја погледнат видео пораката и Ви посакувам добро здравје, среќа, успех, мир, просперитет и сѐ најдобро.