Отварање на Почесен козулат на Руската федерација во Битола

Отварање на Почесен козулат на Руската федерација во  Битола
На 31 август во Битола се одржа свечена церемонија на отворањето на новата зграда на Почесниот конзулат на Русија во Битола. Меѓу многубројни гости на свечената церемонија беа присутни Амбасадорот на Русија во Македонија, г-дин Олег Шчербак, заменикот-министер за надворешни работи на Македонија, г-дин Илија Исајловски, претставници од Владата и од Собранието на Република Македонија, Поглаварот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија Архиепископ Охридски и Македонски г.г.Стефан, претставници од локалните власти од Битола и од другите општини кои спаѓаат во конзуларната еднициа, од дипломатскиот кор, од културни и деловни кругови, а исто така почесни конзули на други земји, руски сонародници и претставници на здруженија за македонско-руско пријателство.

Во својот поздравен говор рускиот Амбасадор истакна дека „Оваа година е многу богата со добри настани поврзани со дејноста на почесните конзули кои традиционално играат важна улога во развој на трговско-економски, културни и хуманитарни односи меѓу државите, придонесуваат за зближување на народите и зацврстување на нивно заемно разбирање". "Во мај оваа година свечено го отворивме Почесниот конзулат на Русија во Охрид. Денес сме присутни на церемонијата на отворањето на  Почесниот конзулат на Русија во другата широка конзуларна единица во град Битола. Ова е добар знак кој сведочи дека руско-македонските односи се унапредуваат и добиваат нова динамика и големина“ - рече Олег Шчербак.

Рускиот и македонскиот народ се многу блиски. Блиски сме по верска основа, а блиски сме и по генетска основа. Така беше, така е и така ќе биде секогаш, истакна почесниот конзул на Руската Федерација во Македонија, Г-дин Сергеј Самсоненко кој оваа функција ќе ја врши на предлог на руското Министерство за надворешни работи и со согласност на Владата на Република Македонија.

На новиот Почесен конзул на Русија, Г-дин Сергеј Самсоненко, Амбасадорот му врачи егзекватура - документ кој на почесeн конзул му овозможува да почне да ги извршува своите обврски - и изрази увереност дека тој „со неговата енергија и посветеност ефикасно ќе ги врши задачите на почесен конзул во оваа конзуларна единица која игра посебна улога за односите меѓу нашите два духовно блиски народи”. 

Во конзулатот има музејско-изложбен простор на руски сувенири како и инфо-деск за сите потреби на руските граѓани во Македонија, но и за потребите на македонските граѓани кои сакаат да патуваат во Русија.

Почесниот конзул на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Самсоненко од денеска, 1. септември, има надлежност на конзулски округ кој ги вклучува териториите на општините Битола, Прилеп, Крушево, Могила, Кривогаштани и Новаци.

По официјалното отворање новите работни простории на конзулатот ги освети Архиепископ Охридски и Македонски г.г.Стефан.