ПО ПОВОД ДЕНОТ НА РУСКАТА ДИПЛОМАТИЈА СЕ ОДРЖА ТРАДИЦИОНАЛНА ЦЕРЕМОНИЈА НА ПОЛОЖУВАЊЕ ЦВЕЌЕ КОН СПОМЕНИКОТ “РУСКИОТ КРСТ”, БИТОЛА, 10 ФЕВРУАРИ 2020 ГОДИНА

ПО ПОВОД ДЕНОТ НА РУСКАТА ДИПЛОМАТИЈА СЕ ОДРЖА ТРАДИЦИОНАЛНА ЦЕРЕМОНИЈА НА ПОЛОЖУВАЊЕ ЦВЕЌЕ КОН СПОМЕНИКОТ “РУСКИОТ КРСТ”, БИТОЛА, 10 ФЕВРУАРИ 2020 ГОДИНА
На 10 февруари, по повод Денот на руската дипломатија се одржа традиционална церемонија на положување цвеќе ќон споменикот “Рускиот крст” во Битола, посветен на рускиот императорски конзул Александар Ростковски, кој го дал својот живот, исполнувајќи ја својата службена и морална должност. На бројните присутни, меѓу кои се Почесните конзули на Русија во Битола и Охрид, Сергеј Самсоненки и Велимир Стојковски, градоначалник на општина Битола, Наташа Петровска, претседателот на Советот на Општината Валентин Груевски, претставници на Министерството за надворешни работи и дипломатскиот кор, им се обрати Амбасадор на Русија, Сергеј Баздникин, кој потенцира:

“Почитуван градоначалник на Општина Битола, г-ѓа Наташа Петровска,

Почитуван претседател на Советот на Општината г. Валентин Груевски,

Ваши екселенции, драги колеги од дипломатскиот кор,

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Срдечно ве поздравувам сите вас, вклучувајќи ги и нашите колеги од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, Почесниот конзул на Русија во Битола, г. Сергеј Самсоненко, Поранешниот Почесен конзул на Русија во Битола, г-ѓа Даринка Крстанова, Почесниот конзул на Русија во Охрид, проф. Велимир Стојковски, генерални и почесни конзули на странски земји, претставниците на општествениот и деловен живот, медиумите, наши почитувани сонародници.

Благодарен сум дека се одѕвавте на поканата и заедно со нас учествувате во веќе традиционалната церемонија на положување венци и свежо цвеќе кон споменикот „Рускиот крст“, а која е посветена на нашиот професионален празник – Денот на руската дипломатија.

На овој ден, руските дипломати ширум светот, одбележувајќи го својот празник, им оддаваат почит на нивните колеги и претходници кои го дале својот живот исполнувајќи ја својата службена, а честопати и морална должност. Меѓу нив е и рускиот императорски конзул Александар Аркадиевич Ростковски, кој бил убиен овде во Битола во 1903 година. Неговата добро позната самопрегорна дејност е пример за многу генерации дипломати.

За нас, оваа година е обележана со 75-годишнината од победата над нацизмот. Нашата земја, по цена на неверојатни жртви, колосален напор без преседан во светската историја, ја одигра одлучувачката улога во уништувањето на нацистичката воена машинерија, во ослободувањето на народите на Европа а и на целиот свет од „кафеавата чума“ и од идеологијата на фашизмот. Денот на Победата кој се одбележува во Русија на 9 мај, е најголемиот и најсвет празник. Амбасадата планира одржување на цела низа пригодни настани посветени на одбележувањето на 75-годишнината од Победата во Големата Татковинска војна и во Втората светска војна, очекуваме учество во нив да земе и широка македонска јавност.

Руската надворешна политика се темели врз цврстото убедување кое го формулирал канцеларот Александар Горчаков пред еден и половина век: „Не постојат такви спротивставени интереси кои не можат да се помират, доколку се работи ревносно и напорно ... во духот на правдата и умереноста“. Ние никому не му се закануваме, ништо не наметнуваме, никому не му кажуваме како треба да живее, не се обидуваме да придобиеме еднострани предности.

Врз овие принципи се темелат нашите односи со сите земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Би сакале и натаму да градиме односи со нашите македонски партнери врз основа на вистинска еднаквост, меѓусебно почитување и  водење сметка за заемните интереси, доверба, посветеност на општопризнаените норми на меѓународното право – немешање во внатрешните работи, почитување на суверенитетот и на територијалниот интегритет.

Во комплицираните услови на денешницата, кога човештвото повторно се најде на опасна линија, надворешната политика на Русија е насочена кон формирање на обединувачка и позитивна агенда, кон развивање на заемно полезна соработка со сите држави со цел осигурување на еднаква безбедност за сите и решавање на конфликти преку разумни компромиси. Убедени сме дека оваа цел може да биде постигната доколку има добра волја, ако се отфрлат стереотипите од Студената војна и употребата на сила. Вработените во Министерството за надворешни работи на Русија и руските дипломатски мисии во странство упорно и доследно ја реализираат оваа задача.

Искрено ви посакувам на сите добро здравје, среќа, успех и просперитет. И, се разбира, мир и меѓусебно разбирање.

Ја користам оваа прилика да ве поканам на отворањето на историско-документарната изложба „100 раритети на руската државност“, што ќе се одржи денес во 13 часот во Центарот за култура на Битола.

Ви благодарам за вниманието.”

Исто така, во рамките на одбележувањето на Денот на руската дипломатија во Битола Амбасадор Сергеј Баздникин заедно со Почесен конзул на Русија Сергеј Самсоненко положија свежо цвеќе кон гробиштата на нашите сонародници: првиот преведувач на Рускиот императорски конзулат во Битола, А.Лапе, кнегиња А.Хаванска и иконописец И.Мелников.