ПОЧЕСНИОТ КОНЗУЛ СЕРГЕЈ САМСОНЕНКО ПОЛОЖИ ЦВЕЌЕ ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА ПАРТИЗАНИТЕ-АНТИФАШИСТИ

ПОЧЕСНИОТ КОНЗУЛ СЕРГЕЈ САМСОНЕНКО ПОЛОЖИ ЦВЕЌЕ ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА ПАРТИЗАНИТЕ-АНТИФАШИСТИ
По повод Денот на победата над фашизмот на Матка се одржа свечена манифестација во чест на загинатите борци, храбрите партизани кои по цена на својот живот се бореа да го ослободат Скопје и своите граѓани од окупаторите. 

Амбасадата на Русија ја организираше свечената церемонија со полагање венци пред Споменикот на загинатите партизани кај хидроцентралата „Матка“ во Скопје.

Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Олек Шчербак имаше свое излагање каде се заблагодари на сите присутни кои оддаваа почит на овие борци, воедно замоли и за минута молк.

– Никогаш да не го заборавиме подвигот на антифашистите, тие не спасија сите нас. Денеска светот ќе беше поинаков, ќе беше свет на холокаустот. Ние, Русите, исто така длабоко го почитуваме нивниот подвиг. Им оддаваме почит на сите земји и народи што рамо до рамо се бореа заедно со нас во антихитлеровата коалиција. Вечна им слава- говореше амбасадорот Олек Шчербак.

Никола Георгиевски, Никола Јаневски, Драгољуб Анчевски, Драган Јакимовски, Николо Малдини, Иван Колосенко, Бранко Тодоровски, Александрар Спасовски, Александар Костадиновски, Илијаз Халиев и Васил Калановски, покажаа храброст и пожртвуваност- вечна им слава.

Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, само од вардарскиот дел на Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои биле депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.

На 9 мај 1945 година Германија ја потпиша својата капитулација во Втората светска војна, во која животот го загубија над 50 милиони луѓе, од кои над 20 милиони од поранешен СССР. Војната е официјално завршена неколку месеци подоцна, со капитулацијата на Јапонија, но во Европа тој ден се одбележува како Ден на победата над фашизмот.

Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.

Централната манифестација во светот по повод победата над фашизмот традиционално се одржа во Москва каде што на Црвениот плоштад продефилираа припадници на различни родови на руската армија, како и ветерани од Втората светска војна.

Од над 50-те милиони жртви, 20 милиони беа од тогашниот Советски сојуз, а повеќе од 30 милиони беа цивили. 

На Далечниот исток, војната заврши дури на 2 септември 1945 година, кога Јапонија капитулираше по бомбардирањето Хирошима и Нагасаки со дотогаш непознатото оружје, атомската бомба.