ПРАВИЛНА ПОЛИТИКА

Токму руско-македонските посткомунистички односи може да послужат како пример за коректна и меѓународно легитимна и правилна политика на меѓусебно почитување, немешање во внатрешните работи и заемна соработка на две пријателски земји, според теркот и духот на новото време и на ерата на глобализацијата. Несомнено, овој период од две децении беше исполнет со значајни историски настани во двете земји. Имаше и мошне драматични случувања, кои макотрпно го трасираа патот за создавање на двата нови државни субјекта, Република Македонија и Руската Федерација, речиси едновремено. 
Независно од сопствените проблеми и тешкотии, раководството на новата руска држава во континуитет ги следеше состојбата во Македонија и дејствата што тогашното македонско раководство ги преземаше за меѓународно признавање на државата, особено по наметнатиот проблем во ООН од страна на Република Грција, со неприфаќањето на уставното име на новата македонска држава. Во овој период мошне значајна беше руската еднодушна меѓународна поддршка на Република Македонија, како од голема земја, воена сила, но и како од членка на ООН и постојан член на Советот за безбедност.    

Кон крајот на мај 1992 година во Македонија во официјална посета допатува тогашниот министер за надворешни работи на Руската Федерација, Андреј Козирев, прва посета на такво високо државно ниво по конституирањето на двете земји. Тогаш тој отворено ја најави руската намера за скорашно официјално признавање на независна и суверена Република Македонија од страна на Руската Федерација под нејзиното уставно име. И покрај овие несомнени назнаки за поддршка на Македонија од официјална Москва, тогашното македонско државно раководство преземаше и други дополнителни чекори за обезбедување целосна лојалност на Кремљ во однос на прашањето на македонската државност и уставното име на земјата. На еден поширок фронт, и по повеќе линии и во разни пригоди, детално беа елаборирани меѓународните позиции на Македонија и јавно беше барана меѓународна поддршка од страна на Владата на Руската Федерација, како и на владите од државите што произлегоа од поранешниот Советски Сојуз, што постепено и се случуваше.