ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ НА РУСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА ВО БИТОЛА

Сергеј Самсоненко е роден  на 17.11.1967 година во Ростов  на Дон, Руска Федерација.
Средното образование го завршува во својот роден град, а веќе во 1992 година дипломира на Државниот универзитет за економија во Ростов на Дон.

Кариерата ја започнува во својата родна земја во 1988 година каде најпрво започнува да работи со производство на спортска опрема, а низ годините работи во повеќе дејности: производство на алуминиумски профили, челик и обработка на метал, спортска обложувалница, претприемништво и градежништво.
Самостојно го развива својот бизнис во 2003 година преку отворање на компанијата БЕТСИТИ, која за кратко време успева да ја развие во интернационален холдинг кој се простира низ повеќе држави во светот и тоа: Русија, Казахстан, Шпанија, Германија, Белорусија, Србија и Македонија.

Покрај успешните проекти во бизнисот несебично се вложува самиот себе си и својот личен капитал кон финансирање на детски академии, спортски клубови како и инвестиции од социјален интерес во спортската инфраструктура. Со своите вложувања во спортот најпрво создава интернационален бренд под името TENNIS PARK чијашто основна намена е академија за тенис а е лоцирана во Русија, Германија и постепено се развива и во Република Македонија.

Во Република Македонија е познат по неговите заслуги за реафирмација на македонскиот спорт, започнувајќи од 2012 година кога станува сопственик и спонзор на Женскиот ракометен клуб Вардар.
Во 2013 година го купува машкиот ракометен клуб Вардар, а во 2014 година ги откупува акциите од Фудбалскиот клуб ВАРДАР.

Истата година станува најголемиот приватен инвеститор во градежниот сектор во Република Македонија со изградба на Спортскиот Центар ЈАНЕ САНДАНСКИ кој денес претставува најголем и најпосетуван мултифункционален спортски центар во Република Македонија, нудејќи голем број на услуги на сите посетители. 
Веднаш по изградбата на Спортскиот Центар ЈАНЕ САНДАНСКИ започнува да се гради и првиот православен руски храм во Македонијa, општина Аеродром каде како Ктитор се јавува Г-дин Сергеј Самсоненко. Изградбата на првиот руски православен храм во Македонија, ќе влезе и ќе се забележи не само во историјата на Македонската православна црква, туку и во историјата на руско-македонското пријателство. 

Во 2016 година ја гради Фудбалската академија на ФК Вардар за дечиња до 14 години во Општина центар, која претставува еден од најсовремените спортски објекти наменет за работа со младите категори, кои се изградени не само на територијата на Република Македонија, туку и пошироко во регионот.

Со неговите прогресивни заложби и инвестиции до денес во неговите компании работат над 500 вработени.

На 06 Јуни 2016 година по предлог на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, Министерот за надворешни работи на Република Македонија издаде егзекватура врз основа на согласноста на Владата на Република Македонија за именување на Почесен конзул.
Сергеј Самсоненко е втор во историјата почесен конзул на Русија во Битола.
Зборува на Руски, Македонски, Српски и Англиски јазик.
На Почесниот конзул Сергеј Самсоненко му е определен конзулски округ кој ги вклучува териториите на општините Битола, Прилеп, Крушево, Могила, Кривогаштани и Новаци.